Денес во Општина Јегуновце ни беше особено задоволство да им посакаме добредојде на учениците од четврто одделение при ООУ „Симче Настовски“ од Вратница, кои реализираа едукативна посета во рамките на наставната програма по предметот „Историја и општество“.
За време на средбата, учениците имаа можност одблиску да се запознаат со функционирањето на локалната самоуправа – организацијата и надлежностите на Општината, работата на општинската администрација, како и со улогата и одговорностите на градоначалникот во секојдневното решавање на прашањата од интерес за граѓаните.
Преку отворен разговор, прашања и непосредно искуство, заеднички ги збогативме нивните сознанија за Општина Јегуновце како заеднички дом на сите жители, за улогата на локалните институции и за важноста на активното учество и граѓанската одговорност уште од најрана возраст.
