Просторот на Општина Јегуновце уште одамна бил населен, за што сведочат голем број пронајдени предмети уште од одамнешни времиња. Постои континуиран развој на населбите, изразен преку бројни археолошки наоди: некрополи, ранохристијански градби, средновековни цркви и други сведоци на културното наследство на овие простори.

Јегуновце

Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Егуновце во XIX век. Името доаѓа од Егуменовци што е изведено од егумен или игумен со значење за старешина на манастир

Градиште, утврдена населба од доцноантичкото време. Источно од селото, на десниот брег на Вардар, на висок карпест рид со зарамнето плато се наоѓаат остатоци од одбранбен дедем. По површината на градиштето се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси и многуброен градежен матријал, а се гледаат и темели од повеќе објекти.
Алексова Б., 1959, 217; Микулциц И., 1971а, 466; Микулциц И, ТИР 66. (С.К.)

Кај Фабриката некропола од римското време. Во дворот на Металуршкиот комбинат Југохром, во текот на градежните работи во 1956 год. Се откриени гробови со конструкции од камени плочи – тип циста. Во еден од нив е најдена плоча со грчки написи од седум реда и необична плоча со грчки натпис во седум реда и необична релјефна сцена.
Имено, лево стои постар маж со куса туника, со крената десна рака, а со левата става жртва над ара. Десно стои дете свртено кон арата, а понатаму од него, сосема десно се претставени маж и жена со превез наг лава. Плочата се чува во Музејот на Македонија. (СК)

Пештер, некропола од доцниот среден век. На околу 2 км источно од селото, во подножјето на Жеден на мала височина се гледаат гробови градени од камени плочи, со ориентација исток-запад (С.К.)

Беловиште

Градиште утврдена населба од доцниантичкото време. На северозападниот раб на селото се издига висок рид со стрмни падини што доминира над околниот терен. На врвот има остатоци од тврдина со кули и подградие.Според начинот на ѕидањеето на бедемот, најнапред била заштитена северната страна, а подоцна јужната.Тврдината има неправилна триаголна основа со димензии од 120 м во правецот север-југ 50 м во правецот исток-запад. Во подградието се распознаваат темели од објекти, а во цитаделата има фрагменти од керамички садови, питоси, тигули, а биле најдени монети од IV и V век.

Алексова Б., 1959, 225 . (С.К.)

Вратница

Кале – Мали Орман утврдена населба од доцниантичкото време. На 3 км северозападно од селото, кај уткоата на Ливадичка Река во Љуботенска Река се издигаат стрмни карпи на кои има издолжено плато опкружено со остатоци од бедем седан од кршен камен и варов малтер. Населбата има доминантна положба, со извонредно добар поглед кон околината. Освен со бедемот, природно е заШтитена со стрмните падини, а преку седлото на северозападната страна е поврзана со планината Љуботен.
Алексова Б., 1959, 217; Микулциц И., ТИР 134. (С.К.)

Св. Дуси. Средновековна црква. На северниот раб на селото се гледаат остатоци од ѕидови на мала црквичка.
Алексова Б., 1959, 217; Трифуноски Ј., 1976 (С.К.)

Св.Петка, Средновековна црква. Северозападно од селото, во непосредната близина на денешната црква се гледаат остатоци од мала црквичка.
Алексова Б., 1959, 217; Трифуноски Ј., 1976 (С.К.)

Тумба, населба од римското време. Во селото, на просторот меѓу месностите Ливадице и Две Тумбе се наоѓаат фрагменти од керамички садови и множеството градежен матријал (С.К.)

Црквиште Константин и Елена, средновековна црква. Во месноста Честодубје, што се наоѓа на југоисточната страна на селото, има остатоци од црква со нартекс, долга 18,20 м и широка 4,20 м, градена од кршен камен и варов малтер, Нартексот е Широк 10 м.
Алексова Б., 1959, 226 (Б.А)

Жилче

Мештаните не знаат кога селото било основано, што доведува до сознаение дека тоа е старо. До 1922 година, во селото се наоѓала и една многу стара црква, која била трипати живописана. Истата година, црквата била срушена и на нејзино место била подигната нова и поголема. Црквата била посветена на Свети Никола.

Според пренесување на кажување на мештаните, еднаш во Жилче владеела чума и голем дел од мештаните умреле.

До 1912 година, јужниот дел на селото имал чифчиски тип и во него се наоѓала беговска кула, а околу нејзе биле зградите за чифчиите и алатите за стоката.

До ослободувањето на Турците, еден дел од земјиштето припаѓал на сопствениците на чифлиците: Руфат-ага, Адем-ага и Абдул Меџид-ага. Тие во Жилче имале три постојани чифчиски семејства, кои работеле како чувари на чифлиците. За останатите земјоделски работи, сопствениците кратко време носеле момци од македонското село Луковица на Сува Гора.

Јажинце

Црквиште, средновековна црква и некропола. Според историските извори, на горната страна на селото постоела црква посветена на Св. Спас. На површината се гледаат големи камени плочи од гробни конструкции и фрагменти од керамички садови.

Јанчиште

Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Јанчишта во XIV век (1349 г.). Името доаѓа од ојконимот Јанче и додавање на -иште, што има значење „место каде што се наоѓа(ло) Јанче“. Другото објаснување е дека името доаѓа од личното име Јанко со додавање на суфиксот -иште.

Јанчиште е старо село, првпат споменат во повелба на Стефан Душан во 1349 година, кога неговата селска црква „Св. Никола“ била приложена на манастирот „Св. Пантелејмон“.

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од нахијата Калканделен и имало 39 христијански семејства и 2 вдовици христијани.

Се пренесува предание дека селото еднаш за време на отоманскиот период опустело. Подоцна, било обновено од предците на денешните постари селски родови. Како најстари родови се сметаат Чадини и Чукаловци.

По обновувањето на селото, Јанчиште станало чифчиско село. Сопственици на четирите чифлици биле Реџеп-паша, Мемет-паша, Есат-паша и Вели-ага. Есат-паша живееле во Желино. Мештаните почнале да ја купуваат земјата кон крајот на XIX век. Дефинитивно се ослободило дури во 1912 година.

Орашје

Орашје е старо село, кое најпрвин било населено со православни Македонци. Тие побегнале од Градиште, околу 4 километри јужно од селото. Овие први родови на селото подоцна се иселиле, а еден род кој останал бил исламизиран. Од крајот на XVIII век, Орашје растело со доселување и природниот прираст на муслиманските Албанци.

Во османлиските даночни регистри на немуслиманското население од вилаетот Калканделен од 1626 – 1627 година Орашје е забележано како село со 5 домаќинства.

Денес, се знае за следниве иселени православни македонски родови од Орашје, кои отишле во соседните села. Тоа се Краговци (2 к.), кои живеат во Старо Село. Тие во Орашје имале предок Крага, кој се иселил во Старо Село, но неговиот брат останал во Орашје, каде го примил исламот и се албанизирал. Од братот потекнува орашкиот род Куљаш (18 к. во Орашје, а 5 к. преминале во Долно Орашје). Друг иселен македонски род е Мажиќевци (3 к.), кои живеат во Вратница. За нив се говори дека во Орашје имале тројца предци, кои биле браќа. Еден го примил исламот и останал во Орашје, другиот се иселил во Старо Село, а третиот во Вратница.

Долно Орашје

Долно Орашје повторно се населило во 1915 година со членови на родот Куљаш (5 к.). Тие се преместиле во Долно Орашје, откако нивните куќи во Орашје биле запалени, а во Долно Орашје имале трла. Овие трла ги направиле куќи, а околу куќите со сечење на шумата направиле обработливи површини. Родот Куљаш (или Аметовци, по предокот Амет) е гранка на исламизираниот и албанизираниот словенски род во Орашје, каде биле староседелци.

Прељубиште

Првично, старото село се наоѓало западно од денешното Прељубиште, во месноста Огради. Тоа село подоцна било раселено. На споменатото селиште, мештаните наоѓале гробови, руини од цркви и ѕидови од куќи. Денес, таму се наоѓаат ниви.

По раселувањето на старото село, преживеаните мештани го основале новото село на денешната положба. Кога е извршено основањето на денешното село, помеѓу мештаните не се знае.

Во османлиски даночни регистри на немуслиманското население од вилаетот Калканделен од 1626-1627 година, Прељубиште се споменува како село со 54 домаќинства.

За време на отоманскиот период, Прељубиште во поголемиот дел било чифчиско село. Селаните почнале да се ослободуваат од чифчиството кон крајот на XIX век, а целосно се ослободиле во 1912 година.

Раотинце

Раотинце е старо село. Во историските записи за првпат се споменува во 1461 или 1462 година од страна на Мехмед-бег, кој пријавил во Тетово дека поседува ливада, која се наоѓала во „Рахотинце“, која од едната страна граничела со реката Вардар, а од другата страна со патот кој води до селото Подбреѓе. Ливадата била голема 70 плугови.

Втор пишан акт за Раотинце потекнува од 1470 година, кога извесен Кјебира Мухамед купува нива од Иван од Радотинце споменувајќи пат кој води од Раотинце до Удварце (денешно Дворце).

Некогаш постоел и чифлиг во Раотинце, но нема записи кој бил сопственик и кога се распаднал.

Во текот на Втората светска војна, селото се нашло на границата помеѓу бугарската и италијанската окупациска зона. Италијанските власти сакале да целиот Полог да припадне кон Албанија, но жителите на Раотинце спровеле низа акции и писмени протести до германската воена управа со желба да бидат дел од бугарската окупациска зона. Поради ова, селото станало дел од најсеверниот дел на Полог, кој влегувал во границата на Бугарија, кадешто останал до 1944 година. Ова му го донело на селото именувањето „Мала Софија“.

Сиричино

Брце, некропола од доцноантичкото време. Источно од селото, во непосредна близина на селското училиште се откриени гробови градени од камени плочи и питоси (С.К.)

Матеички Дол, депо на средновековни монети. Во атарот на селото во 193 година е откриено депо со бакарни византиски скифати од ЏИИ – ЏИИИ век. 163 монети се чуваат во збирката на Музејот на Македонија во Скопје, а според кажувањето на жителите, во депото имало повеЌе монети што се растурени меѓу селаните.
Алексова Б., 1955а, 18 (Б.А)

Старо Село

Селото се споменува во османлиските даночни регистри на немуслиманското население од вилаетот Калканделе од 1626 – 1627 година и е забележано како село Истаросел со 54 домаќинства.

Во XIX век, Старо Село било село во Полошката нахија во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Градиште, населба од неолитското време. Северно од селото, во правецот на селото Рогачево, по површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, куќен лепеж и орудија од камен и кремен.
Дубје, некропола од римското и доцноантичкото време. На јужната периферија на селото, на една од мала височинка се откриени гробови. При заштитните археолошки ископувања извршени во 1982 година се најдени бронзени монети, токи и друго. Наодите се чуваат во Музејот на тетовскиот крај (С.К.)

Цветков Рид, населба од доцноантичкото време. Југоисточно од селото, под ацфалтниот пат, на голема површина се среќаваат фрагменти од керамички садови , питоси, тегули и множество градежен матријал. (С.К.)

Туденце

Североисточно од Туденце се наоѓа месноста Селиште, каде некогаш се наоѓа село од разбиен тип и во него се наоѓала црква „Св. Петка“. Тоа село и црква подоцна биле разрушени. Преостанатото население го основале новото село на денешната местоположба. Во новото село, мештаните изградиле нова црква посветена исто така на Света Петка. На местото каде било старото село и црквата се наоѓаат одредени фрагменти.

Во отоманските даночни регистри од 1626-1627 година е обележано селото Туденце со 32 домаќинства.

На почетокот на XIX век, во Туденце бил основан чифлигот на Куртиш-ага од Тетово. На неговиот чифлиг работеле предците на денешните родови: Вражевци, Димчески и Гоедарои. Куртиш-ага им помагал на селаните да изградат црква, како би се населиле и други македонски чифчии поради црквата. Агата имал чифлиг и во селото Ратае.

Во минатото, агата на чифлигот населил и две албански семејства (Шугљевци) од селото Церово во Скопски Дервен. Овие семејства не сакале да работат на туѓа земја, поради што агата ги иселил од Туденце.

Шемшово

Шемшево е старо село. Во него порано живееле стари христијански родови. Тие родови подоцна се иселиле, а на нивно место се доселиле родови од разни страни.

За време на отоманскиот период, еден дел од Шемшево бил чифчиско село. Прв чифлиг во селото основал Турчинот Љакуш, кој основал еден од денешните истоимени родови. Подоцна бил создаден и чифлиг на муслиманите Уковци. Бидејќи родот на Уковци изумрел, овој чифлиг бил присвоен од албанскиот род Желинци, каде била омажена девојка од родот Уковци.

Подбреге

Подбреге е старо село и во пишаните извори се споменува во 1321 година. Тогаш, српскиот крал Милутин во повелба за манастирот Грачаница од Косово ги дал селото Одри и сите имоти на земјопоседникот Борка во селата Подбрези и Лахце.

Друг пишан документ за селото е од турско време (1461/1462 г.). Тогаш, Мехмед-бег од Тетово наведува ливади, кои се наоѓале во Раотинце и се граничеле од една страна со Вардар и патот кој одел од Раотинце за Подбрег. Друг посед кој го споменал Мехмед-бег на една страна се граничел со патот од Подбрег до Нераште. Во документот како сведок од Побреге се споменува Турчинот Исмаил бин-Ибрахим.

Ова село во турскиот период било градска населба во Долни Полог и било место каде што имало касарна, касапница, бањи, џамија, ќерамидница и црква. Секоја недела во Подбреге имало пазарен ден. Подоцна, селото било целосно разорено, за подоцна да биде обновено како мало село од доселеници.

На местото каде се наоѓа денешното село Подбреге, како и околу него, има остатоци на темели од градби. Исто така, се познаваат рушевини на една воденица и на стар храм. Храмот се наоѓал во месноста Црквиште, западно пред денешното село. На Црквиште, мештаните во 1947 година, изорале пари, крст, темели, еден мермерен столб и черепи. Порано, Црквиште било зашумено и тука се познавале поголеми остатоци на ѕидини, но денес таму има ниви. Ќерамидница се наоѓа на истоимената денешна месност, каде се наоѓаат темели од некогашни градби.

Рогачево

Рогачево за првпат се споменува во турските дефтери и пописи во 1467 година. Според усмените приказни, се кажува дека тука во шумата над изворот се сокривале некој монаси, веднаш по Косовската битка. Тоа место и тој извор и ден денес се вика Калуѓер. Во Рогачево во 1467-68 година имало 59 домаќинства и 4 вдовици. Во време на вториот и третиот попис во 1545 и 1568 за Рогачево нема точни информации колку домаќинства живееле, но има информации дека Рогачево и селото Вратница имале најголем број на домаќинства.

Во XIX век, Рогачево било село во рамките на Полошката нахија во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Ратае

Селото се наоѓа во областа Долни Полог, оддалечено 11 километри североисточно од Тетово.

Во пишани документи наоѓаме дека е стара-прастара населба, која потекнува од XIII век.

Голем дел од месното население на село Ратае потекнува од пограничното село Горанце, денес во Косово, како и од гостиварското село Дуф.

Копанце

Во пишаните документи, селото првпат се споменува како Копаница во 1470 година, кога Кјебир Мехмед-бег на своите синови им оставил наследство повеќе имоти во Полог. Меѓу другите имоти им оставил имот во атарот на Копанце во месноста Јастребац (порано Јастребача). Имотот се простирал до самото село. Купил и други имоти околу селото.

Второ споменување на селото е од 1795 година, кога Реџеп-паша во ова село подарил на тетовското теќе пет парцели бавчи, пет куќи и три дуќани.

Close Search Window