Собирот на граѓани може да се свика за подрачјето на целата општина или за подрачјето на месната самоуправа.

Собирот на граѓани го свикува градоначалникот на Општината по сопствена иницијатива, на барање на Советот или на барање од најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање.

Барањето за свикување собир на граѓани со потписи од заинтересираните граѓани се поднесува до градоначалникот кој е должен да го свика собирот во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето.

Актот за свикување на собирот на граѓани се објавува во локалните средства за информирање и на јавни места на вообичаен начин.

Од денот на објавувањето на актот за свикување на собирот на граѓани до денот на неговото одржување мора да изминат најмалку 5 дена.

На собирот на граѓани во одлучувањето учествуваат граѓаните кои имаат избирачко право.
Собирот на граѓани го води градоначалникот или лице што ќе го овласти градоначалникот.

За прашањата за кои се расправа на собирот на граѓани известува градоначалникот, а по потреба и други овластени претставници на органите на Општината.

Собирот на граѓани може да донесе заклучоци по прашањата што се од локално значење за кои е свикан собирот. Заклучоците, собирот на граѓани ги усвојува со мнозинство гласови од присутните.

Заклучоците донесени од Собирот на граѓаните, органите и телата на Општината се должни во рок од 90 дена да ги разгледаат и за своите решенија да ги информираат граѓаните преку локалните информативни гласила.

Accessibility