Владата вчера ги соопшти новите засилени мерки за ограничено движење и подолготраен полициски час. Тие се воведуваат поради тоа што заразата се шири, граѓаните не ги почитуваат доследно досегашните мерки, има случаи на неодговорно однесување и со оглед на тоа што времето се затоплува и претстојат верски празници.

Новите мерки ќе почнат да важат од утре, 8 април 2020, за целата територија на државата. Полицискиот час наместо во 21 часот ќе почнува во 16 и ќе завршува во 5 часот во работните денови, а во деновите од викенд (сабота и недела) ќе има целодневен полициски час за сите граѓани, односно од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник.

Лицата над 67-годишна возраст од утре ќе може да се движат надвор само од 10 до 12 часот од понеделник до петок, а младите до 18 години во работни денови ќе може да излезат од дома само од 13 до 15 часот.

На јавни места се забранува да се движат повеќе од двајца граѓани во групи, освен ако се работи за родител со свои деца кои имаат до 14 години. За земјоделските активности, дозволено е движење во територијата на селата и тоа само за работни потреби.

Аптеките ќе работат непречено, a Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи. Исклучоци од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници ( ЈЗУ, ПЗУ и матичните лекари), како и за маркетите и рестораните кои се доставувачи на производи.

Изготвил:Стојанче Антовски

Општина Јегуновце