Референдум распишува Советот на општината по своја иницијатива за прашања од неговата надлежност.

Советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите.
Барањето за распишување референдум се доставува до

Советот на општината со потписи од заинтересираните избирачи дадени пред надлежниот орган кој води евиденција за избирачкото право на граѓаните од општината.

По барањето за распишување референдум, Советот на општината во рок од 60 дена од поднесувањето на барањето, донесува одлука за распишување референдум.
Одлуката за распишување референдум содржи предмет на референдумот и денот на неговото одржување.

Одлуката за распишување референдум се објавува во службено гласило на Општината и во другите информативни гласила во Општината.

Од денот на објавувањето на одлуката за распишување референдум до денот на одржувањето на референдумот не може да поминат помалку од 15 дена, ниту повеќе од 60 дена.

Право на гласање на референдумот имаат граѓаните кои имаат избирачко право.

Референдумот го спроведува Комисија за спроведување на референдумот. Претседателот и членовите на Комисијата ги именува Советот на општината.

Комисијата за спроведување на референдумот:
– го определува времето на гласање;
– врши технички подготовки за спроведување на референдумот;
– ги определува гласачките места;
– ги утврдува резултатите од гласањето и
– се грижи за законито спроведување на референдумот.

За спроведување на гласањето на референдумот, Комисијата на гласачките места формира одбори за спроведување на референдумот.
Одборите ја обезбедуваат правилноста и тајноста на гласањето.

Времето на гласањето мора да се определи така што ќе им се овозможи учество на референдумот на сите граѓани што имаат право на глас.
На гласачкото место на коешто гласале сите граѓани запишани во избирачкиот список, гласањето може да заврши и пред истекот на времето определено за гласање.

Прашањето односно актот што е предмет на референдумот, мора да биде на соодветен начин изложено на гласачкото место.

Членовите на одборот се должни граѓанинот што пристапил кон гласање по негово барање да му дадат објаснување за предметот на референдумот и начинот на гласање.

На референдумот секој граѓанин има право само на еден глас. Граѓанинот може да гласа само лично.

На референдумот се гласа со гласачки ливчиња. Содржината на гласачкото ливче ја пропишува Комисијата за спроведување на референдумот. Прашањето на гласачкото ливче мора да биде формулирано прецизно и недвосмислено така што граѓанинот ќе може да одговори со: за или против предлогот.

Граѓанинот на референдумот се изјаснува така што на гласачкото ливче ќе го заокружи зборот за или против. Кога на референдумот се поставени повеќе алтернативи граѓанинот се изјаснува така што го заокружува зборот за или против од алтернативата за која гласал.

По завршувањето на гласањето одборот го утврдува резултатот од гласањето на гласачкото место и за тоа составува записник. Формата и содржината на записникот ги пропишува Комисијата за спроведување на референдумот. Веднаш по составувањето на записникот одборот доставува извештај до Комисијата за спроведување на референдумот.

Комисијата за спроведување на референдумот врз основа на примениот гласачки материјал од сите гласачки места го утврдува резултатот од референдумот.

Одлуката на референдумот се донесува со мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна и се објавува во службеното гласило на Општината.

Комисијата за спроведување на референдумот поднесува извештај за спроведениот референдум до Советот на општината.

Прашањето, односно актот што граѓаните не го прифатиле на референдумот не може повторно да се изнесува на референдум, пред истекот на 6 месеци од денот на одржувањето на референдумот.

Close Search Window