Во организација на Националниот комитет на Меѓународниот совет за традиционална музика (ИСТМ) за Македонија,  во тек е реализација на втората фаза на ЕРАЗМУС + проектот насловен како „УНЕСКО препознаени и споделени вредности“- Транснационални средби и работилници, во кој, освен македонскиот Националниот комитет, учествуваат и Етничкиот културен центар на Суити народот од Република Летонија, Фондацијата КИХНУ од Република Естонија и Грузискиот центар за уметност и култура од Република Грузија.

Овие организации се дел од националните мрежи за заштита на нематеријалното културно наследство на нивните земји. Конкретно во овој проект се вмрежени четири различни видови на повеќегласно пеење: од Естонија полифоното пеење на Сето народот, од северот на Летонија полифоното пеење на Суити народот, од Грузија познатото грузиско полифоно пеење и од Македонија тетовското гласоечко пеење кај Македонците од Долни Полог, сите веќе впишани на УНЕСКО-вите листи на нематеријалното културно наследство на човештвото. Во проектот, покрај невладините здруженија, вклучени се и носители на повеќегласно пеење од државите, меѓу кои од Македонија  претставници од општина Јегуновце: триото „Гавровски“, КУД „Извор“ од Јегуновце, и други носители на ова добро кои се запишани во досието на Гласоечкото пеење за Ургентна заштита во УНЕСКО.

Со оглед на тоа дека еден од носителите на оваа традиција е и општината Јегуновце, која во два наврати (2011 и 2014 година) даде писмена поддршка на процесот на заштита на Гласоечкото пеење, на 23 март учесниците од четирите земји остварија средба со  градоначалникот на општина Јегуновце, г-дин Дарко Блажески и со претставници од КУД „Извор“, кои како домаќини имаат своја презентација на традиционалната долно полошка носија, презентација на изворни инструменти (кавал, гајде, зурла и тапан), презентација на орската традиција на Посеље, презентација на  традиционална Посељска храна и секако на Гласоечкото пеење од Посеље. Овие презентации ги извршија членовите на КУД „Извор“ Јегуновце.

Изготвил:Стојанче Антовски

Општина Јегуновце