Општина Јегуновце 2017 година -Четворица владици на Македонската православна црква, митрополитите тетовско – гостиварски г. Јосиф, кумановско – осоговски г. Јосиф, европскиот г. Пимен и американско- канадскиот г. Методиј учествуваа на вчерашното осветување на манастирската црква Свети великомаченик Георгиј Победоносец во село Туденце. Потоа, заедно, со повеќе свештенослужители отслужија и света божествена и архиерејска литургија.

На овој свеќен чин присуствуаа повеќе видни личности како од земјата така и од странство меѓу кој и градоначалникот на Општина Јегуновце Тони Коцески без кој сево ова немаше да изгледа вака. Коцески има голема заслуга за возобновување на овој свет храм, со неговата несебична  помош како институционална така и лична.

Црквата Свети Ѓорѓи Победоносец се наоѓа на 900 метри надморска височина над селото во месноста Бучало и потекнува од 6 век. Таа е најстарата троконхална црква во Македонија и е возобновена на патрониот празник Ѓурѓовден на мај 2012 година. Старите темели на црквата се откриени во февруари 2004 година од страна на сега покојниот  жител на Туденце Тихомир Крстевски откако на сон му се јавил светецот Ѓорѓи Победоносец кој му рекол „сите ме газите, а никому не текнува да ме открие. Да појдеш, да ме откопаш и да ме осветиш“, му рекол на сонот светецот  посочувајќи му точно на кое место се наоѓа храмот. Тихомир почнал да копа и на длабочина од половина метар ги пронашол ѕидовите на некогашниот храм во пределот на олтарот. Подоцна нему му се придружиле и други жители на Туденце и под надзор на Музејот на тетовскиот крај, по речиси еден месец работа локалитетот бил расчистен. Денеска осветената црква е изградена на старите темели врз основа на проект изработен од Благоја Стојковски виш конзерватор во Националниот конзерваторски центар. Има површина од 130 квадратни метри. Во финансирањето на нејзината изградба учествуваа повеќе граѓани од земјата и дијаспората.

 

Изготвил:Стојанче Антовски

Општина Јегуновце